Финансиска полиција го тресе работењето во Комунална хигиена откако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски обвини дека имало низа злоупотреба во ова јавно претпријатие од околу 300 милиони евра. Ѓорѓиевски рече дека и самиот тој имал средба со Финансиска полиција и дека покрај исплата на плати на лица кои воопшто не се појавувале на работа има и други злоупотреби. Тука треба да има и командна одговорност, значи и оној кој го потпишувал тоа, како и директорот кој тоа го одобрувал, рече Ѓорѓиевски.
„Тоа се лица кои што со месеци, некои со години не оделе на работа а земале плата, има таму лица, еве во интерес на истрагата не можам во детали да зборувам, кои што дури се наоѓаат во куќен притвор или се затвореници. Замислете, а земале плата од Градот Скопје. Има под интелектуални услуги активирано камиони со астрономски суми исплата на физички лица кои што работеле наводно за Комунална хигиена“, порача Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски рече дека истрагата може да води и до повисоки институции, како што е Град Скопје, и дека за тоа ќе остави Финансиската полиција да си ја заврши работата. Вчера државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повика градоначалникот доколку има такви докази да поднесе кривична пријава во МВР или да ги донесе тие документи во Јавното обвинителство. Ѓорѓиевски рече дека тоа ќе го стори.
„Ќе го направам тоа. Јас немам намера никого да го штитам вклучувајќи се и себе си . Секој што направил одредени прекршувања, за тоа треба да одговара. И тука треба законот да биде јасен за сите, но и постапувањето треба да биде подеднакво за сите“, вели Орце Ѓорѓиевски.
Поранешната градоначалничка Арсовска вчера на обвинувањата на Ѓорѓиевски рече дека лаже и го повика да ги објави со име и презиме сите 500 вработени за кои тврди дека не оделе на работа. Ѓорѓиевски за ова рече дека немал проблем да ги објави, а за повикот на Данела да се соочат на тв дуел за овие проблеми, тој рече дека таа треба да комуницира со други институции а не со него.
