Зголемен бројот на жртви во Сиднеј: Седум загинати во напад со нож во трговски центар, меѓу повредените има и деветмесечно бебе

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во напад со нож во трговскиот центар Westfield Bondi Junction во источен Сиднеј загинаа седум лица, а напаѓачот беше застрелан, соопшти австралиската полиција.

Повредени се неколку лица, меѓу кои и деветмесечно бебе на кое му беше извршена операција. Како што неофицијално јавуваат австралиските медиуми, мајката на бебето им подлегнала на повредите во болница и таа е шестата жртва на нападот.

За време на нападот во трговскиот центар случајно се нашла и полицајка која брзо го фатила напаѓачот, а кога тој се свртел и замавнал со нож кон неа, таа пукала во него, соопшти полицијата.

Напаѓачот е 40-годишен маж кој полицијата допрва треба официјално да го идентификува, а се верува дека дејствувал сам и дека нападот не е поврзан со тероризам.

Австралискиот премиер Ентони Албанес го опиша нападот врз трговскиот центар во Сиднеј како „ужасен чин на насилство неселективно насочен кон невини луѓе кои беа надвор и околу една обична сабота“.

Албанес не можел да го потврди мотивот на напаѓачот и дека шпекулациите би биле бескорисни, но го пофалил полицаецот кој му се спротивставил и го совладал, пренесе „Си-Ен-Ен“.

„Таа е дефинитивно херој. Нема сомнеж дека со своите постапки спасила животи“, истакна тој.

Пред да и се обрати на јавноста, Албанес изрази сочувство до семејствата на жртвите.

Вршителот на должноста премиерка на Нов Јужен Велс, Пени Шарп објави соопштение во кое вели дека е шокирана од извештаите за повеќе жртви.

„Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и први одговорни во овој момент, како и со оние кои можеби биле сведоци на овие настани“, рече Шарп.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледаат неколку луѓе како го напуштаат трговскиот центар и неколку возила на брза помош и полициски возила пред вратите на зградата, јавува австралиската телевизија „9 њуз“.