„100 дена неуспех, скандали и потценување“ – ЕФ со повик до ВРЕДИ: Ајде заедно да му го покажеме местото на Мицкоски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За Европскиот фронт првите 100 дена на Владата се полни со неуспеси, скандали и потценувања. Ова беше слоганот и на денешната конференција на која партиските лидери споменаа дел од последните настани кои, како што рекоа, биле понижувачки за Албанците. Го споменаа Балансерот, Законот за јазици, отстранувањето на Албанците од работните места, Законот за бранители и други. Тие најавија дека нема да дозволат вакво однесување.

-Фронтот ќе продолжи секој ден со прес-конференции. Ќе им го донесеме сонцето една дланка над глава, изјави Али Ахмети од ДУИ/Европски фронт.

Зијадин Села ја прашува ВРЕДИ дали имаат намера да го прифатат потценувањето на Албанците. Најави отпор со протести, за кои вели дека не се дестабилизација, туку демократизација на едно општество.

-Ви кажавме во неколку настапи, не сме хистерични за власт. Дали знаете што е тоа што ви го кажуваме? Ние не доаѓаме на власт. Дојдете вие кај нас! Да го направиме фронтот со потполно значење и да му го покажеме местото на Христијан Мицкоски со тоа што ќе му ги покажеме црвените линии како и колку има право да се справува и да се однесува со овој народ, вели Зијадин Села од АА/Европски фронт.

Европскиот фронт не е заинтересиран за власт, изјави Скендер Реџепи. Бара сите заедно да седнат, да ги решат највиталните прашања на државата и конечно да се оди на предвремени парламентарни избори.

-Нема да станеме дел од оваа Влада, но сите заедно ќе седнеме да ги решиме овие прашања и откако еднаш засекогаш ќе се решат со уставни измени, со законски измени каде албанскиот јазик ќе се унапредува уште повеќе, каде што патот кон ЕУ ќе си има свој пат, тогаш ќе можеме да одиме на предвремени парламентарни избори. Победникот, како што доликува на легитимитетот, може да продолжи да биде дел од Владата, изјави Скендер Реџепи од НД/Европски фронт.

На повикот на Села за единство на сите Албанци за воспоставување црвени линии се приклучи и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Бара од сите политички партии да започне процес на ветинг за сите функционери и политичари, барање кое што ДУИ го имаше пред четири години.

-Овие наши момчиња многу погрешија што влегоа во ова партнерство. Фатална грешка, не знам што ги снајде. Се согласувам со она што го кажа Села. Дојдете овде, ќе видиме како државата ќе ја движиме напред во Европа, Охридскиот договор, договорот за добрососедство, договорот од Преспа. А не устајските уши што… Дали видовте? Излезе ли Снопче? Излезе… реков алал да му е на овој човек. Следниот ден, не, не политика беше тоа. Арбен излезе од Америка, рече молчете, молчете бидејќи сум во Америка, кога ќе дојдам таму ќе средам, изјави Али Ахмети од ДУИ/Европски фронт.

Ахмети повика да не се игра на националистички карти бидејќи, како што истакна, насекаде во Европа и на Блискиот Исток избувнале војни, а неговото барање е да не се враќаме назад. Пандорината кутија не смее да се отвори бидејќи може да избијат неочекувани работи и за кои можеби не може да се најде решение, изјави Ахмети од пресот на Европскиот фронт.