Централната свеченост на одбележувањето на 82 годишнината на еден од најзначајните денови на антифашистичката борба се одржа пред Спомен костурницата во Куманово. Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека Македонија треба да ја следи идејата на борците од НОБ и да продолжи напред кон Европа. Воедно тој испрати и порака дека оние кои го попречуваат тој пат се против Македонија.
„Државата постои за луѓето во неа. Денес патриотизам значи македонскиот народ, македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом, за никој, никогаш повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор во несигурност по светот. Антиевропската агенда е спротивно на она што значи патриотизам денес. И затоа антиевропската агенда е антимакедонска агенда.“, рече Ковачевски.
Свое обраќање имаше и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски кој рече дека патот кој треба да го изодиме кон членство во Европската унија треба да биде на достоинствен начин со зачуван идентитет и јазик.
„Нашата борба и залагања за европските вредности и за влез во европското семејство мора да бидат достоинствени и издржливи на начин како што му доликува на секој горд народ, кој има своја историја, традиција и обичаи. Со должна почит од ова место сакам да ве повикам со заеднички и сплотени сили неуморно да работиме на развојот на нашата држава носејќи важни и неопходни одлуки кои ќе ни донесат стабилност и сигурност и влез во Европската унија.“, изјави Димитриевски.
Претседателот на државата Стево Пендаровски пак денот го одбележа со оддавање почит на борците пред Меморијалниот комплекс на Градските гробишта во Бутел. За да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација ние мора да ја градиме Македонија како демократска и функционална правна држава, истакна Пендаровски во својата честитка.
