12 илјади повици за една ноќ – невремето го стави на испит Центарот за управување со кризи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вчерашното невреме предизвика хаос насекаде низ Скопје.

Поради тоа, телефоните во Центарот за управување со кризи не престануваа да ѕвонат, при што оваа институција примила повеќе од 12 илјади повици за помош.

И денеска, додека екипата на ТВ21 престојуваше таму, телефоните постојано ѕвонеа.

Директорот Мухамед Али изјави дека секој повик бил примен и проследен до надлежните институции. Според него, сите барања за помош пристигнале од територијата на Скопје, а итните служби биле постојано на терен.

„Екипите беа на терен и сите штети во Општина Чаир, но и во другите општини, беа санирани. И денеска екипите се на терен и работат на расчистување и отстранување на последиците од синоќешното невреме. Најголеми штети имаше на неколку покриви од згради, оштетени возила и на неколку улици кои беа блокирани од силниот ветер, но интервенираа и екипите на „Паркови и зеленило“ и сè е санирано.“, рече Али.

Месец јули е период кога се активираат и пожарите, за кои Али истакна дека ситуацијата е под контрола. Според него, новиот систем за рана детекција на пожари овозможува многу побрза реакција, бидејќи за само неколку секунди ја утврдува локацијата на пожарот и најсоодветниот начин на интервенција – од воздух или од земја.

„Имаме повеќе од 40 локации, а се надевам дека следната година Владата ќе нè поддржи за системот да биде поставен на територијата на целата држава. Системот нè известува за 20 секунди каде има пожар и на која локација, преку електронска пошта, СМС-пораки и преку екранот.“, рече Али.

Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните и понатаму да ги пријавуваат сите итни случаи на бројот 112, нагласувајќи дека брзата реакција останува клучна и при последиците од невремето, но и за спречување на ширењето на пожарите.