12 починати, 1.197 нови случаи, 9 пациенти со омикрон – Татеши од Алијанса се сомнева во новиот министер Беким Сали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кај 9 пациенти е откриено присуство на новиот сој на Ковид-19, омикрон. Осум се од Скопје и еден од Кочани,со ова, бројот на дијагностицирани пациенти со омикрон во земјава се искачи на 10.

„Во лабораторијата изработени се 24 примероци позитивни на SARSCoV2, примероците се од пациенти од Скопје, Кочани, Велес, Гевгелија и Богданци. Од вкупниот број тестирани, кај 9 пациенти, детектирана е Омикрон варијантата на вирусот, што изнесува 37,5% од позитивните примероци“, истакна Министерството за здравство.

Денеска е регистриран и висок број заразени  во споредба со изминативе денови, кога имаше најмногу 500. Во изминатово деноноќие регистрирани се 1.197 нови случаи, а 12 пациенти починаа како последица на коронавирус

Реализирани се 7.483 тестирања за Ковид-19, од кои 1.197 позитивни: Скопје – 766, Битола – 94, Прилеп – 56, Кавадарци – 38, Велес – 31, Охрид – 24, Гевгелија – 23, Куманово – 18, Ресен – 16, Тетово – 15, Штип и Струмица –по 12, Кочани -11, Неготива, Крива Паланка и Радовиш – по 10, Делчево и Валандово-по 7, Струга и Богданци – по 5, Гостивар и Свети Николе – по 4, Македонски Брод – 3, Берово, Пробиштип, Демир Хисар, Крушево, Демир Капија и Дојран – по 1

Од албанската опозициска партија, Алијанса за Албанците го  обвинуваат  министерот во заминување, Венко Филипче за лошо менаџирање со пандемијата. Лекарот Беким Татеши скептичен и околу капацитетот на новиот министер Беким Сали за справување со ковид-состојбата

„Јас мислам дека капацитетот на г.Беким Сали, ќе видите и самите, но се сомневам во него, бидејќи ова е навистина тежок период и оваа проблематика бара широк тим професионалци кои ќе се справат со овој предизвик. Се очекува, како што рековме да биде еден период на ковид-офф, кога се очекува да се победи пандемијата, но ништо не е сигурно. Можат да се појават и други варијанти на вирусот SarsCov2“, истакна Беким Татеши.

Татеши вели дека епидемиолошката состојба со коронавирус најдобро може да се утврди откако ќе поминат уште неколку дена од новогодишните празници. Присуството на мутацијата омикрон, покажува дека вирусот има ублажени патолошки својства, додава Татеши.