15 години се моли за патот во економската зона Визбегово – бизнисмените се надеваат дека ако лидерите им ветат, конечно ќе им се исполни барањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бизнисмените од најголемата економска зона во државава, Визбегово, побара нов слој асфалт на главната улица околу која што гравитираат над 100 – тина фирми, кои вработуваат околу 8.000 лица и чие работење годишно носи околу 600 милиони евра обрт и 40 милиони профит, што значи 7,5 отсто од Бруто домашниот производ.

Ова барање денеска беше испорачано до делегацијата на СДСМ предводена од лидерот Венко Филипче на средбата со првите луѓе на Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Ова го бараме многу долго време, има повеќе од 10 – 15 години што го бараме и ден денес се соочуваме со инфраструктури проблеми што другите зони, како што е Бунарџик па и некоја друга зона, тие немаат такви проблеми, затоа што доаѓаат во објект кој исто објектот значи се гради со државни пари, ако не 100%, но делумно државата помага, а кај и нас ништо не помага“, вели Нухи Алиу, в.д. претседател на СКСЗМ.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека до сите партии доставиле барање за средба, при што барале да присуствуваат и лидерите за да имаат поголема верба дека ветувањата би се исполниле. Од СДСМ ветија дека барањето за Визбегово ќе биде дел од програмата на нивната кандидатка Каја Шукова.

Од Комората побараа зоната во Визбегово да може да ги ужива истите права како и државните економски зони.

„Ние немаме никаква бенефиција кога инвестираме во таа зона, како што имаат тие другите, дека пет години се ослободени од придонесите, па имаат некој рок што тие не плаќаат никакви давачки, па цела инфраструктура е обезбедена со државни пари. За нас нема тоа. Се што гледате во таа зона, што ќе гледате, се е направено од страна на приватниците, односно компаниите кои си функционираат во таа индустриска зона“, вели Нухи Алиу, в.д. претседател на СКСЗМ.

Алиу побара и решавање на проблемот со дивите депонии околу економската зона Визбегово, што според него претставува сериозна закана за здравјето на работниците и на жителите од регионот.