На 15 септември се одбележува Меѓународниот ден на демократијата, прогласен од Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година. Денот е првпат одбележан во 2008 година, со цел да се промовираат и зајакнат демократските принципи.
По тој повод, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ја нагласи „важноста од поврзување на луѓето од различни делови на општеството за да се збогати процесот на носење одлуки, да се изгради доверба и да се создадат помирни, инклузивни и отпорни општества“.
На 15 септември, Фондот на ОН за демократија (UNDEF) и Канцеларијата на ОН за партнерства организираат настан во седиштето на ОН во Њујорк, посветен на прашањето како граѓанското учество, дијалогот и инклузијата можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поодговорно и поефикасно управување.
Меѓународната заедница годинава предупредува дека демократијата се соочува со сериозни притисоци.
Советот на Европа оценува дека демократијата е под притисок од „демократското назадување, губењето на довербата на граѓаните во демократските институции и политичарите, војните, деградацијата на животната средина и економските притисоци“, наведува претседателката на Конгресот на локални и регионални власти, Гун-Марит Хелгесен. Според неа, демократијата „пред сè се доживува на локално ниво“, поради што локалните и регионалните власти имаат клучна улога во нејзиното зачувување.
Советот на Европа воедно го спроведува Новиот демократски пакт за Европа, процес чија цел е да се одговори на демократското назадување и да се обнови демократското управување. Амбицијата на Пактот е „да ја обнови довербата во институциите и да ја зајакне демократската отпорност во ера на постојани кризи“.
И Меѓупарламентарната унија (IPU), која има 183 земји членки, го одбележува 15 септември со активности насочени кон посилни демократии и поефикасни парламенти, а нејзината актуелна агенда става акцент на доброто управување, инклузивноста, довербата, човековите права и поголемото учество на граѓаните. Организацијата ги повика парламентите ширум светот да го одбележуваат денот со настани и активности.
