Ковид-19 зема замав и во Кичево. Во првите месеци од појавувањето на вирусот во оваа општина имаше позитивни случаи, но само последниот месец се регистрирани 177 заразени и 9 смртни случаи. Во импровизираната барака во кичевската болница се тестираат од 20 до 25 граѓани на ден. Загрижува фактот што голем број граѓани не веруваат дека вирусот постои и не ги почитуваат мерките кои ги донесе Владата пред неколку месеци. Директорот на Здравствениот дом-Кичево, Џабир Бајрами, вели дека мерките во Кичево не се почитуваат, па токму затоа бројот постојано се расне. Тој смета дека и во Кичево треба да има Ковид центар кој би им излегол пресрет на пациенти, со цел да не се испраќа во Скопје и Битола.
„Искрено, вината им ја префрламе на граѓаните на Кичево кои да не кажам воопшто, но многу малку ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Со жалење велам и апелираме до граѓаните, до младите и старите дека овој вирус не е игра. Ме чуди тоа што дел од населението не верува дека вирусот постои и дека станува за некаков заговор, политичко прашање или прашање за пари. Јас не знам од каде ги вадат луѓето ваквите информации“, истакна Џабир Бајрами.
Некои не веруваат во постоењето на вирусот, а некои пак стравуваат од последиците кои може да ги предизвика.
Мал број кичевчани носат маски на јавни места. Снимките на ТВ21 покажуваат дека пред банката во Кичево има долги колони граѓани кои не држеа физичка дистанца. Според статистичките податоци на МВР, во изминативе 24 часа, на територијата на СВР-Охрид, каде спаѓаат Кичево и Струга, полицијата регистрирала 147 прекршоци за неносење маски, и тоа во Охрид се изречени 118 казни, во Струга-9, а во Кичево за ноносење маски се казнети 20 граѓани.