И по 18 години никако да се преброиме. Македонија во уште еден изборен циклус без да се знае точниот број на жители во државата. Првичниот план беше пописот да се одржи во април, но и таа шанса беше пропуштена откако партиските лидери за истиот месец договорија избори. Наредниот термин за одржување на пописот е април наредната година.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски за тв21 смета дека е добро што пописот беше одложен, поради тоа што ќе требаше да се одложува терминот повторно поради пандемијата со корона вирусот.
„Домаќинствата ќе имаат проблем да ги примат попишувачите, неможевме да гарантираме здравствена безбедност за попишувачите. Добро е што го одложивме терминот, оти ќе имавме потрошено едно чудо пари и средства за организација на овој попис“, истакна Апостол Симовски.
Она што во моментов е проблем, според Симовски е тоа што немаме Закон за попис.
„Не успеавме да издејствуваме да се донесе Закон за попис. Парламентот повеќе не работи, го чекаме новиот парламент да се донесе тој закон. На тој начин законот станува облигаторен и е обврска за секој. Кога спроведуваме статистички анкета, тогаш е доброволно. Во случај пописот е задолжителен за секој поединец и затоа се носи посебен закон“, додава Апостол Симовски.
И покрај тврдењата на Симовски дека пописот на населението нема допирни точки со изборниот процес, универзитетскиот професор Илија Ацевски тврди дека една од причините поради која константно се одложува пописот е токму можноста да се манипулира со избирачкиот список за време на изборите.
„Добар дел од македонските политички субјети не го сакаат тоа затоа што претпоставувам дека има манипулација со изборните списоци, иселени во странство, не одјавени, двојно државјанство, што остава простор за манипулација“, посочува Илија Ацески.
Ацески вели дека втората причина поради која се избегнува попис на населението е политичката ситуација во која што се наоѓа државата во изминатите 20 години, додавајќи дека секое пребројување на населението значи некое поместување во политичката состојба која можеби нема да и одговара на македонската или на албанската страна.Последен пат земјата спроведе попис во 2002 година, додека во 2011 ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како партии на власт , со Закон во Собранието го прекина веќе почнатиот попис.
