Многу ветувања за време на изборната кампања во Кичево, но најзначајното што се слушна беше од она од министерот за транспорт Александар Николоски, кој ветил 2 милиони евра доколку на чело на Кичево дојде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.
„Ние нема да застанеме тука, продолжуваме. Општината, од второто објавување што го направи владата, доби над 2 милиони евра за општина Кичево за низа проекти кои ќе се реализираат во сите населени места. Сакам да кажам дека по победата на д-р Александар, ќе има дополнителни средства од Министерството за транспорт од 2 милиони евра за општина Кичево“, вели министерот за транспорт, Александар Николоски.
Јовановски ја доби трката! Го прашавме дали се реализира ветувањето на министерот Николоски.
„Господинот Николовски, министер за транспорт и врски, по таа изјава неколку пати не посетуваше неофицијално и во сите наши разговори ми потврди безрезервна поддршка, и не само тие 2 милиони евра што ги ветил јавно, туку не мотивираше да работиме што повеќе проекти, капитални или големи проекти. Доколку тие проекти се реализираат, ќе имаме поддршка од Министерството за транспорт и врски и нема да бидеме ограничени само со тие 2 милиони евра“, вели Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.
На прашањето како ќе го реализираат ова, од кабинетот на министерот одговорија дека „преку посебна програма, како што најави и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во буџетот за 2026 година ќе се распределат средства за општина Кичево, наменети за реализација на инфраструктурни проекти.
Завршуваат со тоа дека економскиот и инфраструктурниот развој на Кичево е од особено значење за подобрување на квалитетот на животот на жителите на општината и во таа насока ќе се поддржуваат проекти што носат корист за граѓаните на Кичево.
