„20 илјади евра за македонски пасоши“ – Азири: Со колку сведоци наркобосовите го добиле државјанството

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Еден од 9-темина уапсени синоќа за фалсификување пасоши, е близок човек на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за Утрински брифинг. Според него документите што ги објави ВМРО-ДПМНЕ излегле токму од ова лице, вработено во МВР, а кое вчера беше уапсено. Спасовски истакна дека за фалсификуваните пасоши се дадени некаде околу 20 илјади евра.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со ова власта се обидува само да ја дефокусира јавноста.

Реагираа и од коалицијата АА-ААА. Ељми Азири прашува со колку сведоци 214-те наркобосови го добиле државјанството и како ги поминале филтрите на МВР без никој да забележи дека се криминалци.

МВР најпрво овозможило снабдување со државјанство а потоа им помогнало снабдувајќи ги и со лични документи и патни исправи. Во Република Северна Македонија полесно ќе добие државјанство криминалец и разнесувач на дрога во меѓународната мрежа отколку лице родено и израснато во оваа држава, рече Ељми Азири, пратеник од АА.

Спасовски рече дека за добивањето лажни патни исправи имало и посредник меѓу полицијата и лицето кое барало документи, а акцијата за нивно апсење започнала уште во 2019. Според Спасовски, ВМРО-ДПМНЕ се обидело да ја саботира оваа акција.

Инаку, во понеделникот, на брифинг со новинарите под име „Мафија“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откри документи дека на балкански нарко босови им биле издавани македонски патни исправи со кои потоа тие патувале низ балканските и европските земји. Следниот ден, МВР објави дека е во тек полициска акција во која се апсат полициски службеници токму поради оваа афера, но тие ја нарекоа „Двојник“. Во оваа афера македонски пасош добил еден од најпознатите балкански мафијаши, Јован Вукотиќ, а турскиот мафијаш Седат Пекер имал македонска лична карта.