Детенце на возраст од 20 месеци почина во Општата болница во Кичево. И покрај напорите на медицинскиот персонал, тоа било во тешка здравствена состојба и не можело да се спаси, информираат од болницата.
Случајот е пријавен во Секторот за внатрешни работи – Охрид, од каде што соопштуваат дека настанот бил евидентиран околу 22:10 часот.
„На 23.11.2025, во 22:10 часот, во Секторот за внатрешни работи во Кичево беше пријавено дека на детското одделение во Општата болница во Кичево во тешка здравствена состојба било донесено дете родено во 2024 година, кое, и покрај укажаната медицинска помош и извршената реанимација, починало.“, велат од СВР Охрид.
Во телефонска изјава за ТВ21, директорката на Кичевската болница, Маја Цветановска Трајковска, рече дека станува збор за дете од околу 20 месеци, кое пристигнало на одделението во терминална фаза.
„Вчера околу 22 часот на детското одделение беше донесен пациент од околу 20 месеци, една година и девет месеци стар, во многу тешка состојба – терминална фаза пред смртта, придружен од мајката и неколку роднини. Пациентот е од Прилеп, но во моментот се наоѓале во Кичево. Се јавиле во Брза помош, која го пренела на Детското одделение. Беа преземени сите напори и беше извршена реанимација, но за кратко време детето почина“, изјави Цветановска-Трајковска.
Надлежните ги очекуваат резултатите од обдукцијата, кои треба да ги разјаснат околностите на настанот.
