25 години од Охридскиот договор – неговото спроведување и децентрализацијата за посилна држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Младите се најголемиот ресурс на државата за создавање поразвиено и постабилно општество, како и за подобрување на животниот стандард, изјави министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, на панел-дискусијата посветена на 25-годишнината од Охридскиот договор. Ферати истакна дека оваа годишнина не треба да биде само навраќање кон минатото, туку и можност да се разговара за иднината и предизвиците што ја очекуваат земјата.

„Доколку имаме нефункционирање на системот, тоа не значи дека веднаш треба да ја префрлиме вината на другата страна која не ја познаваме толку добро, бидејќи во областите каде што има мешано етничко население со повеќе заедници, граѓаните имаат можност да се запознаваат едни со други, но во областите каде што имаат помалку можности да сретнат припадници на другите заедници, не успеваат правилно да ги разберат вредностите“, додава Агон Ферати.

Во однос на употребата на албанскиот јазик, копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, рече дека таму каде што се појавуваат пречки во употребата, треба да се создадат правно одржливи решенија кои ќе го направат ова право функционално во пракса. Меџити истакна и дека се важни инфраструктурните инвестиции, издвојувајќи го Коридорот 8, кој ги поврзува Куманово со Скопје. Според него, ова е конкретен пример за тоа како инфраструктурата влијае врз економскиот развој.

„Владата го усвои законското решение за правична и соодветна застапеност, со што ова прашање го издигна од ниво на административен механизам на ниво на законско регулирање. Ова е суштинска разлика, бидејќи еден механизам може да биде променет, злоупотребен и може да зависи од волјата на институцијата. Принципот поставен во законска рамка добива одржливост, институционална одговорност и инструмент за негово спроведување“, вели Изет Меџити.

Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Билал Касами, истакна дека зајакнувањето на општините преку унапредување на фискалната децентрализација, правично финансирање и поголемо вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки се неопходни за функционална демократија. Касами рече дека Охридскиот договор треба да се спроведува и унапредува, а тоа, како што истакна, го прават со донесувањето на Законот за правична и соодветна застапеност.

„Охридскиот договор е договор за градење на државата, значи не е договор за поделба на државата. Македонија продолжува, врз основа на Уставот и врз основа на принципите на Охридскиот договор, да биде унитарна држава, но со компромис, повторно во интерес на градењето на државата, да се зајакне децентрализацијата“, порача Биљал Касами.

Според министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, нашата земја е зрела да ги надмине етничките линии и да изгради вистинско граѓанско општество кое е фокусирано главно на предизвиците на 21 век и на времето во кое живееме. Министерот истакна дека денешната дебата нема за цел да погледне назад кон 2001 година, туку повеќе да одговори на прашањето каква земја сакаме да имаме во 2051 година.

„ И тука мојата најголема загриженост, ако ме прашате која е мојата најголема загриженост од политички аспект во нашето општество, е тоа што сè уште има поединци и политички субјекти, главно политички партии, кои се обидуваат да се наметнат како сопственици на една заедница долж етничките линии“, вели Тимчо Муцунски.

На оваа панел-дискусија по повод 25-годишнината од Охридскиот договор, организирана од Министерството за односи меѓу заедниците, говореа и професори, експерти, поранешни дипломати, политичари и претставници на организации на граѓанското општество.