29 општини немаат градежни инспектори – Арифи: Општините не смеат да издаваат дозволи за градење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

29 општини во земјава немаат вработено градежни инспектори, а меѓу нив се Бутел, Арачиново, Гази Баба и Чаир. Се поставува прашањето – кој ги издава дозволите за градење, дали има дивоградби и кој излегува на терен за да ги контролира?
Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Фатмир Арифи, вели дека за ваквите прекршоци, одговорноста треба да ја сносат градоначалниците на општините во кои нема градежни инспектори.


-Доколку овие општини немаат овластени инспектори, тогаш не смеат да градат. Не смеат да издаваат дозволи за градење. Целосно се блокирани.
-Кој е одговорен за дивоградбите?
-Градоначалникот, раководителите на секторот за урбанизам, инспекторите во општината, сите, вели Арифи.

Арифи додава дека ова прашање може да се регулира со централизација на Државниот инспекторат.


-Ова може да се постигне само кога нашата институција ќе се централизира на државно ниво. Сите инспектори кои се во општините да бидат под контрола на Државниот инспекторат. Ние да ги контролираме и да издаваме дозволи. Доколку им се одземат надлежностите за градење, тогаш и финансиите им се одземаат. Кога ќе им кажеме дека ќе им се одземат финансиите, се предомислуваат, велат дека ќе изнајдат решение и дека ќе вработат инспектори, но не наоѓаат, рече Арифи.

Дефицитот на кадар од оваа област е причината за немање инспектори во општините, вели Арифи. Додава дека една од главните причини е тоа што општините не се во состојба да го решат овој проблем, за кој, како што вели, ниту самите не се свеси за последиците што може да ги донесе. Инаку, градежниот инспектор е единственото овластено лице во општината кое законски има право да издава дозвола за градење.