Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Обвинителството, донесе одлука за определување 30-дневен притвор за поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини.
Од Судот информираат дека мерката е изречена поради основано сомнение за сторено кривично дело проневера во служба, при што биле земени предвид и ризиците од бегство, како и можноста за влијание врз сведоци и докази.
Сејдини, кој ја водеше ФФМ во периодот од 2019 до 2025 година, беше приведен во полициска акција спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со ОЈО Скопје.
Според Обвинителството, постои сомнение дека во ноември и декември 2024 година, како претседател на ФФМ, тој овозможил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за скопска компанија.
Случајот се однесува на средства добиени од УЕФА преку програмата „HatTrick VI“, наменети за подобрување на спортската инфраструктура. Во рамки на проектот за изградба на трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, бил склучен договор со избрана компанија во вредност од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
Иако тоа не било предвидено во тендерската постапка, ниту побарано од изведувачот, осомничениот внел одредба за авансна исплата од 20 проценти од договорот. Дополнително, за оваа исплата не било обезбедено никакво гарантирање на средствата.
Врз основа на таквиот договор, на 17 декември 2024 година, со налог од Сејдини, биле префрлени околу 660 илјади евра на сметка на избраното правно лице. Обвинителството смета дека со тоа се исполнети елементите на кривичното дело проневера во служба.
