30-дневен притвор за Александар Нацев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основниот суд во Кочани му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, по проширувањето на истрагата од страна на Основното јавно обвинителство – Кочани.

Основното јавно обвинителство – Кочани ја прошири истрагата за Нацев, чија агенција ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ кога се случи трагичниот пожар и за него побара ефективен притвор. Тој беше осомничен дека сторил „тешки дела против општата сигурност“ и дека раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Притоа, агенцијата „Рубикон“ немала склучено договор за обезбедување во дискотеката во Кочани.

Александар Нацев е универзитетски професор, а пред десетина години беше и директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.