Управата за јавни приходи продолжува со засилени теренски контроли за фискализација, а резултатите од првите четири месеци годинава покажуваат раст на утврдените неправилности кај дел од деловните субјекти.
Според податоците на УЈП, во периодот од јануари до април 2026 година биле спроведени вкупно 960 теренски контроли, што претставува зголемување од 5 проценти во однос на истиот период лани. Од контролираните субјекти, кај 42 проценти биле констатирани неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Особено загрижува фактот што кај околу 30 проценти од субјектите биле утврдени прекршоци поврзани со неиздавање фискални сметки, издавање непрописни сметки или непоседување фискален апарат.
Контролите опфатиле 434 угостителски објекти, 318 трговски објекти, 201 услужен објект и седум приредувачи на игри на среќа.
Од УЈП информираат дека контролите биле спроведени врз основа на пријави од граѓани преку линијата 198, интерни анализи и координација со други институции. Во првите четири месеци пристигнале 887 пријави од граѓани, што е за 36 проценти повеќе во споредба со минатата година.
Кај 395 субјекти биле изречени глоби за утврдени неправилности, а најчест прекршок останува неиздавањето фискални сметки. По овој основ биле изречени 242 казни.
Значителен раст е забележан и кај прекршоците поврзани со невоведување фискален систем, каде бројот на изречени глоби се зголемил од седум на 32.
Поради повторено неиздавање фискални сметки во период од две години, на 25 субјекти им била изречена мерка привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите.
Од Управата најавуваат уште позасилени контроли на територијата на целата држава, со нова методологија која вклучува и вкрстени проверки за утврдување на веродостојноста на прикажаните приходи.
„Насочени сме кон откривање на моделите, ризиците и механизмите преку кои се создава неевидентираниот промет, не само да констатираме разлики, туку и да ги разоткриваме тековите на неформалните економски активности и непријавените даноци“, велат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници доброволно да го евидентираат неевидентираниот промет и да ги усогласат даночните пријави, во спротивно ќе следуваат дополнителни контроли и санкции согласно законските прописи.
