300 илјади евра за дигитална трансформација на 13 компании од секторите храна, земјоделство и туризам додели Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со програмата за зголемување на вработеноста на пазарот на Швајцарската агенција за развој и соработка и INNOFEIT-DIH. Директорот на Фондот, Фестим Халили, вели дека со ваквиот тип на кофинансирање, локалните компании имаат поголема можност да ја извезуваат својата стока во странство.
„Изработивме јавен повик во кој се инкорпорирани секторите туризам, земјоделство и прехранбена технологија, кои ги сметавме како приоритетни сектори на овој повик со цел да ги дигитализираме нивните процеси и подобри услуги за клиентите, граѓаните и за зголемување на конкурентноста и ефикасноста на компаниите од нашата земја“, вели Фестим Халили.
Изборот на 13 компании од 42 што се пријавија за овој грант не беше лесна задача, вели Тања Георгиевска од Швајцарската агенција за развој и соработка, но нагласува дека изборот бил транспарентен и праведен.
Халили истакна дека тие како фонд инвестираат и во други сектори додека бројот на кофинансирани проекти достигнал над 1000.
Инаку, Фондот за Иновации и Технолошки развој очекува да добие акредитација во Зелениот климатски фонд на ОН.