„Животот на граѓаните стана заложник на пазарења и тендери без критериуми. За 4 години 97 жртви, ниту еден ден затвор“. Ова беа дел од повиците на демонстрантите кои денеска се појавија пред тетовскиот суд, во знак на незадоволство од пресудата за модуларната болница воТетово. Организаторите велат дека бараат итно разрешување на обвинителот Љубомир Јовевски.
„Бараме Владата веднаш да го разреши главниот обвинител Јовески и тој заедно со другите обвинители инволвирани во ова монструозно злосторство кривично да одговара. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на фирмата „Брако“. Без правда нема да има мир“, вели Елмедина Абдулаи.
Протестот следи по емитувањето на документарниот филм во недела во продукција на ИРЛ со наслов „Убиство во Тетово“, додека граѓаните велат дека протестите треба да продолжат и во другите денови.
„Навистина, гледајќи ја ситуацијата и по гледањето на документарниот филм кој се базираше на фактите на модуларната болница, сметам дека треба да има континуирани, секојдневни протести додека не се открие вистината“.
„Да, дефинитивно треба да има други протести, бидејќи правниот систем дефинитивно потфрли и ова е срам за нашата држава која е и кандидат за ЕУ. Работи кои се влечат толку долго, тоа не се случува ни во африканските земји, а не во земја која е веќе кандидат за ЕУ“.
„Несомнено, протестите продолжуваат бидејќи сме разочарани од судскиот систем и од обвинителството. Како прво, не е нормално во судскиот процес што заврши во Судот во Тетово некој да биде условно осуден, а еден од обвинетите да биде пуштен на слобода знаејќи дека таа вечер во модуларната болница биле прекршени сите протоколи за пандемијата. Имавме и две жртви од надвор освен пациентите, па апсурдно е да се прекрши протоколот да не се суди и да нема казна“.
За пожарот во модуларната болница во судот во Тетово имаше судски процес кој заврши на 5 јуни годинава. Тогаш условна казна добија обвинетите директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ИЈЗ Клиничка болница е прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Бесими и Етеми добија потврдена затворска казна од една година и шест месеци, која ќе се изврши доколку секој од обвинетите во рок од три години стори ново кривично дело.
По завршувањето на судењето, судијата Јордан Велковски образложи дека обвинетите не се обвинети за предизвикување на пожарот, додека според него, во предлогот на обвинителството не се обвинуваат обвинетите дека придонеле за пожарот.
