Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски, го објави составот за репрезентацијата на Македонија за престојните натпревари против Малта во квалификациите и против Фарски Острови пријателски натпревар.
Давор Здравковски од АЕЛ Лимасол е дебитант во националниот тим, додека во репрезентацијата се враќа десниот бек на Шкупи, Владица Брдаровски.
Милевски се реши да не ги повика Стефан Спировски и Бобан Николов поради слаба минутажа. Поради повреда ќе го нема и Никола Серафимов, како и Тихомир Костадинов.

Милевски, на денешната прес-конференција ги искажа своите очекувања од дуелот со Малта.
„Аутсајдери во денешниот фудбал нема и не постојат. Било кој да е, квалитетот сопствен треба да го покаже и докаже на терен. Поквалитетни сме и индивидуално и како тим, но треба тоа да го докажеме на терен. Очекувањата се тие. Кога има некој одреден квалитет, и кој сте го докажале во минатото јавноста очекува да бидете на ниво, и тоа ме радува, и ќе дадеме се од себе да ги почнеме со успешен настап и резултат овие квалификации“, рече Милевски.