Во Италија уапсени 22 лица за измама од 600 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ





Италијанската полиција во четвртокот соопшти дека уапсила 22 лица и запленила имот во вредност од повеќе од 600 милиони евра, од вили до часовници Ролекс, како дел од истрагата за наводна измама со европски и италијански фондови.

Финансиската полиција во Венеција соопшти дека верува дека група која оперирала во голем број европски земји сакала да го злоупотреби фондот на Европската унија за закрепнување од пандемијата на коронавирус, како и субвенциите што Италија ги воведе за подобрување на домовите.

Полицијата заплени станови, вили, часовници Ролекс, накит од Картие, злато, криптовалути и луксузни автомобили како Ламборџини и Порше.

Три лица се уапсени во Словачка, две во Австрија и 17 низ цела Италија, соопшти полицијата, додавајќи дека претреси се вршат и во Романија.

Истрагата ќе ги засили стравувањата дека и Механизмот за закрепнување и отпорност и самата италијанска градежна финансиска шема се покажуваат како плодна почва за измамниците, пишува Ројтерс.

Италија досега има добиено речиси 102 милијарди евра за закрепнување од пандемијата, а се очекуваат уште 90 милијарди до 2026 година.

Полицијата објави дека неименуваните осомничени развиле „софистицирани системи за измама“, презентирајќи фиктивни проекти и со тоа добивале даночни олеснувања од државата.

Криминалната организација воспостави и систем за перење пари, вклучувајќи облак сервери во трети земји и крипто средства.

Италијанската полиција нагласи дека во истрагата соработувала со Европското јавно обвинителство (ЕППО), кое е одговорно за истрага и гонење на злосторствата извршени против европскиот буџет.

Во својот годишен извештај објавен во февруари, ЕППО откри дека минатата година спровела 1.927 истраги поврзани со околу 19,2 милијарди евра.

Само во Италија се покренати 618 истраги.