Ниту кога ја дочекаа староста, не можат да бидат мирни…
Рамадан и Џеврие се во брак, но Џеврие не може да го земе презимето на својот сопруг бидејќи државата не ѝ дава државјанство.
Веќе 11 години Џеврие бара да добие македонско државјанство, но постојано добива одговор дека е ризична за државата.
-Непосакувана за државата…
Сопругот: 75 години и опасна за државата? Каква опасност претставуваме ние за државата?
Пред Собрание дојдоа уште десетици граѓани кои со години добиваат негативен одговор на нивното барање за државјанство. Афет Калоши е роден во Македонија, но државјанство нема.
-Тука сум роден. Кога ми издаваат извод на родени ми пишува Србија и Црна Гора. Роден сум во Скопје, општина Чаир. 6 деца сме, постариот брат има државјанство, сестрите исто така. Мојата мајка е од Нови Пазар, и таа има државјанство. Јас сум роден тука, а немам…-вели Афет.
-Веќе 30 години сум мажена тука, немам државјанство. Четирипати ме одбија поради јазикот. Лекарските контроли ги вршам приватно, илјада, две илјади денари… сѐ со свои пари. Сега патувам со косовска лична карта, бидејќи тука немам никаков документ.
Заедно со нив, пред законодавниот дом дојдоа и пратениците од Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Скендер Реџепи и Илире Даути. Реџепи рече дека наскоро проблемот на овие граѓани ќе биде решен…
-Имам добра вест за сите оние кои имаат проблем со државјанство. Нашиот притисок вроди со плод – в среда во 10 часот двајцата лидери ќе се сретнат со премиерот и владини претставници заедно со двајцата координатори од нашата коалиција и оние од Влада, со цел да се изнајде решение за Законот за државјанство-вели Скендер Реџепи.
Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ го блокираше Законот за државјанство предложен од АА-ААА, албанската опозиција со илјадници амандмани почна да го блокира секој закон на власта доставен во Собрание. Вчера, премиерот Зоран Заев, за ТВ21 рече дека наскоро ќе оствари средба и со албанската опозиција во обид да изнајдат решение околу Законот за државјанство.
