76 нови случаи на Ковид-19, е билансот од коронавирусот во изминативе 24 часа. Само во Скопје 52. Меѓу новозаразените е и првиот човек на општина Чаир, Висар Ганиу. Тој пред два дена информираше дека се самоизолирал бидејќи имал контакт со лице инфицирано со новиот вирус.
„Ова е уште еден доказ дека вирусот постои и можеби е крајно време секој граѓанин да се увери дека вирусот постои и дека не бира дали си градоначалник, директор или од некоја друга професија, туку дека е меѓу нас. Апелирам од сѐ срце граѓаните да почитуваат социјална дистанца, да користат заштитни средства и да ги дезинфицираат рацете“, истакна Висар Ганиу.
Ганиу вели дека се чувствува добро и дека освен треска, нема никакви други симптоми.
Од друга страна, поради тоа што во Чаир и Студеничани има пораст на бројот на заразени, Институтот за јавно здравје последниве денови работи со зголемен интензитет во овие места.
И Центарот за јавно здравје во Куманово работи со зголемен капацитет и добива помош од епидемиолозите од Кратово и Крива Паланка, со оглед на тоа што вчера од 12 заразени во Куманово, 11 беа од Липково. Министерот за здравство извести дека во изминатото деноноќие се регистрирани и 26 оздравени пациенти и еден починат.
Пред два дена позитивни тестови на Ковид-19 имаа пратеникот и потпретседател на СДСМ Мухамед Зеќири и директорката на УЈП Сања Лукаревска. Поради контактите со нив речиси 70 лица, пред се од владејачката партија ќе бидат во самоизолација.
Министерот Филипче вели дека се уште нема одлука во однос на можноста за враќање на рестриктивните мерки, кои што беа најавени во текот на вчерашниот ден. Комисијата за заразни болести ги разгледува можностите и податоците, се следат информациите, а најкасно во четврток ќе биде донесена одлука дали ќе има рестриктивни мерки за одедени општини и населени места.
