81 година од борбата против фашизмот – Македонија на вистинскиот пат, порача Ковачевски од Куманово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денес по 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, се соочуваме со огромна поделеност во општеството, порача претседателот на државата Стево Пендаровски во честитката.  Тој на вчерашната свеченост на одбележувањето на 11 Октомври со медал заслуги за Република Северна Македонија им оддаде почит на врвни уметници во негувањето на македонската песна, а денеска положи цвеќе за паднатите борци на споменикот Ослободители на Скопје на платото пред Владата.  

„11 Октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит. Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро. Благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава“, порача шефот на државата, Стево Пендаровски.

На овој историски ден кога се одбележува почетокот на одлучната борба против фашизмот, се потсетуваме на таа генерација слободољупци кои не се двоумеа во ниту еден миг на која страна да се приклучат и да го положат најскапоценото, се наведува во честитката од претседателот на Собранието Талат Џафери. Од револуционерно Куманово каде заедно со Прилеп пукнаа првите пушки на антифашистичката борба, се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека денеска треба да се продолжи патот на револуционерите кои биле на вистинската страна за мир и напредок.

„Изборот на нашите претходници покажува дека да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. Сите досегашни, а особено идни одлуки на нашата држава и на Европската унија ќе покажат и докажат дека нашиот македонски јазик е признат и потврден, нашиот национален идентитет е признат и прифатен, а нашата држава е рамноправна со сите европски држави“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Од Прилеп честитки за денешниот празник упати претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. И во денешната честитка тој не изостави да ја критикува власта

„Токму од тука од Прилеп е започната таа борба за ослободување која што денеска практично ја донесе оваа независна, суверена, македонска држава во срцето на Балканот. Не треба на тоа да гледаме онака како што власта не тера да гледаме, туку треба да гледаме онака како што е вистината. А вистината е дека за време на Втората светска војна бугарските фашисти извршиле злостор на територијата на денешна Македонија а македонскиот народ се обедини и го поразил тој злостор“, рече претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На денешен ден пред 81 година, во Прилеп и Куманово се крена народно востание со што почна и борбата против фашизмот од Втората светска војна.