Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камчев, екс генералниот секретар на владата Драги Рашковски како и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска се само неколкумина од познатите личности кои во моментов се наоѓаат во затвор или во притвор. Тие се таму бидејќи се осомничени или осудени дека го оштетиле буџетот и државата, но на ваков или онаков начин, државата и натаму троши за нив.
Еден податок објавен од МИА покажува дека во една година државата троши 18,2 милиони евра за затворите и едукативно поправните домови. Всушност имотот на гореспоменатите е неколку пати поголем од оваа сума која ја троши државата за затворите воопшто. Потсетуваме дека само Сашо Мијалков беше подготвен да плати 10,8 милиони евра за да излезе од притвор во Шутка.
Според вкупната пресметка, еден затворени годишно ја чини државата 9,500 евра, меѓутоа условите во затворите остануваат предизвик за казнено поправниот систем. И извештајот на Комитетот за спречување тортура за 2020 го истакнува овој проблем со затворите во земјава како и потребата за воведување професионални служби во затворите. Директорот на Управата за спроведување санкции, Марјан Спасовски влева надеж за подобрување на состојбата.
„Не само во делот на професионализација на затворската полиција, туку, пред сѐ, главните забелешки се во делот од здравствената заштита и сместувачките капацитети, за таа цел, кон крајот на месец јули ќе се распише тендер во делот на реконструкција на казнено-поправните установи, каде што ќе изградиме целосно, ново, затворено одделение и постоечкиот стар објект кој е најстар во Идризово ќе биде срушен и ќе се изгради ново, затворено одделение во првата градба, во втората градба имаме изградба на перална, кујна и притворско одделение“, вели Спасовски.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнуваат дека во последно време забележан е одреден напредок во казнено поправните домови, најмногу од аспект на материјалните услови, но се уште постојат предизвици и проблеми.
„Особено во поглед на материјалните услови, здравствената заштита, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица. Дополнително, осудените лица често поднесуваат претставки до Хелсиншкиот комитет за примена на прекумерна сила од страна на службените лица во казнено-поправните установи – припадници на затворската полиција, за што е потребно зајакнување на ефикасноста и ефективноста на надворешниот механизам за гонење на сите случаи на тортура и нечовечко однесување“, велат од Хелсиншки комитет.
Податоците кои покажуваат дека од вкупно 18,2 милиони евра кои се трошат годишно за затворите, половината од овие средства одат за затворската полиција и вработените во затворите, а околу 18% за подобрување на условите во затворите. Во 2020 во сите казнено поправни установи во земјава имало 1901 затвореник, со што биле пополнети 89% од вкупните капацитети со кои располага земјава.
