Ова е Калтрина Џафери, мајка на три деца. Родена е во Приштина, но веќе 9 години е мажена во Скопје. Иако поминала речиси цела деценија во Македонија, таа сѐ уште нема државјанство, а освен тоа лишена е од секое право во кое ужива секој друг граѓанин.
„Побаравме помош од државните функционери, некои од нив ни рекоа дека треба да почекаме“порача Калтрина Џафери.
Калтрина вели дека ги исполнила сите критериуми за да добие државјанство, но од институциите сѐ уште не добила одговор.
„Поднесовме барање за државјанство во 2018 година согласно сите законски прописи. Но, веќе 5 години немаме никаков конкретен одговор околу тоа која е причината поради која не можам да добијам македонски пасош“, додава Калтрина Џафери.
Поради тоа што Калтрина не поседува државјанство, на семејството Џафери му се ускратени економските права и слободното движење, бидејќи, како што раскажува Калтрина, децата не можат да патуваат без нивната мајка.
-Мајка сте на три деца, дали Вашите деца имаат државјанство?
„Да, децата имаат, но додатоците што се земаат за трето дете, не можам да ги добијам, бидејќи немам државјанство“, вели Калтрина.
-Со какви други проблеми се соочувате поради немање државјанство?
„Слободно движење, не можеме да патуваме, целото мое семејство може да се движи само јас не можам со нив. Така што, и на нив им се ускратува правото за слободно движење, бидејќи децата не можат да патуваат без мене“, додаде Калтрина Џафери.
ТВ21 пред два дена побара став од МВР во врска со овој случај, но сѐ уште не добивме повратен одговор.
