988 лица немаат земено декемвриска плата – трет ден протести на административците, почнале и закани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако владата сакаше дијалог, ние ќе седневме до сега на маса и немаше да бидеме на улица. Вака изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски на третиот ден од протестите на вработените во 6 министерства и 2 институции кои бараат додаток на плата од 30 проценти.

На протестот се придружија и вработените во Државниот завод за статистика, но немаа храброст да зборуваат пред камера. На паузата која траеше половина час, пред државните институции вработените го изразија револтот заради непотпишувањето на колективниот договор.

Од Синдикатот велат дека во некои министерства започнале и заканите врз вработените да не излегуваат на протест. Тие ги отфрлија тврдењата на владата дека се одржува штрајк. Според Трпе Деаноски, ова е протест од половина час без да се попречува работниот процес а од владата се уште не се повикани на разговор.

На средба со владата за паралелни разговори отидоа некои од синдикалците. Од независниот синдикат на јавната администрација, по средбата со претставници на извршната власт велат дека побарале подобри услови за работа со измена на деловникот во некои од секторите на администрацијта.

Утре масовен протест ќе се одржи пред Министерството за финансии на кој 2.447 вработени бараат зголемување на платите за 30%, што значи зголемување за 6 илјади денари месечно. Тоа би значело буџет од околу 3 милиони евра годишно, но синдикалците велат дека се дискриминирани бидејќи нивните плати се меѓу 25-29 илјади денари. Утре ќе се разјасни кои ќе бидат следните чекори доколку власта не прифати разговори за разгледување на нивните барања.