Албанската опозиција минатиот петок рече дека законот за државјанство е подготвен и дека во понеделник ќе го достават до пратениците на СДСМ за да го разгледаат.
„Нашиот дел од работата е завршен, остануваат технички прашања и верувам во понеделник ќе биде доставен до парламентарната група на социјалдемократите,односно парламентарното мнозинство и очекуваме евентуално некоја забелешка од нивна страна и верувам дека многу брзо ќе се процесира во Собрание. Сега нашиот дел е завршен, да го видиме нивниот одговор“, истакна Ељми Азири.
Но координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски потврди дека тие се уште не го виделе законот бидејќи истиот не им е доставен.
И од АА денеска потврдија дека предлог законот се уште не го доставиле до Собрание но велат дека е прашање на денови, без да прецизира конкретно за неколку дена.
За законот за државјанство, коалицијата АА-ААА блокираше неколку закони во Собрание, а неколку пати се одржаа средби меѓу премиерот Заев и лидерите Села и Гаши. Исто така беше остварена средба меѓу координаторите на парламентарните групи со цел да се дојде до конечно решение за законот.
