ДУИ инсистира на процесот на ветинг, како што велат, за да се изгради довербата на граѓаните во правдата, институциите и државата. Потпретседателот на интегративците, Арбер Адеми, им упати повик на сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор.
„Им упатуваме повик и на оние што денес се на власт, а молчат, да побараат од премиерот веднаш да се приклучи кон иницијативата на ДУИ за целосен ветинг. Молкот за ова прашање е соучество во рушењето на кредибилитетот на институциите.“, вели Арбер Адеми.
На ова барање на ДУИ возврати првиот вицепремиер, Изет Меџити. Тој рече дека ДУИ најпрво треба да си го „исчисти сопствениот двор“ од делата од минатото.
„Најпрво, партија што половина од раководството ѝ е на црни листи, а другата половина е во кривични постапки со дела како ‘Пациентот’ и други етикети, мислам дека нема морално право да зборува за ветинг. Најдобриот ветинг ќе бидат изборите, кога граѓаните ќе ја дадат последната пресуда и ќе ги испратат во историја.“, вели Изет Меџити.
Инаку, ДУИ го поднесе предлог-законот за ветинг во Собранието уште во 2020 година, но тој никогаш не беше процесуиран.