За време на паузата одлучија да протестираат. Изработија брошури и излегоа на протест, барајќи достоинствени плати. Дел од учесниците работат за месечна плата од 25 илјади денари, додека просечната плата на административците во некои државни институции изнесува околу 29 илјади денари. Протестирачите истакнаа дека се чувствуваат дискриминирани и бараат зголемување на платите за 30%, со потпишување на колективен договор. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ повика Владата да обезбеди средства за реализација на ова зголемување.
Иако барањата за зголемување на платите опфаќаат 2.447 вработени во овие институции, Владата не предвидела средства во буџетот за 2025 година за оваа намена. Зголемувањето од 6 илјади денари за административците останува неизвесно, што значи дека нивните плати и натаму ќе бидат под просечната плата во државата, која моментално изнесува 42.124 денари.
Од Влада истакнуваат дека се отворени за дијалог за да ги разгледаат барањата на синдикалците. Портпаролката на Владата, Марија Митева рече дека нивниот прв чекор не требаше да биде протестот или штрајкот, туку дијалогот.
Синдикалците велат дека и утре и во четврток од 11 часот ќе ги продолжат протестите, а за петок најавуваат голем протест.