Адвокатите со иницијатива до Кривичен суд – бараат прекин на судските рочишта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

74 адвокати покренаа иницијатива преку која од Кривичниот суд и Министерството за правда бараат времено стопирање на судските рочишта, поради опасност од ширење на вирусот Ковид-19. Иницијативата уследи откако вчера Кривичен закажа 300 судски распити, иако во земјата е прогласена вонредна состојба. Адвокатот Мерџан Даути, еден од потписниците на оваа иницијатива, вели дека владината мерка за држење растојание, не може да се спроведе во Суд, бидејќи нема услови за тоа, оти како што вели, секој обвинет има по најмалку еден и повеќе бранители. 

„Предвидени се околу 308 судски рочишта, на кои ние се собираме по 10-20 луѓе. Сите ние имаме семејства, деца, имаме и постари лица во семејството, а во овие сали нема можност да се запазат одлуките што ги донесе Владата“, истакна Мерџан Даути.

Освен стопирање на судењата, адвокатите предлагаат да се одржат само рочишта на кои треба да се одлучува за притвор и рочиштата за дела поврзани со непочитување на мерките кои ги донесе Владата за вирусот.

„За предметите за кои ќе настане времен прекин во судењето, да се донесе уредба со законска сила која ќе го прекине течењето на роковите со тоа што нема да може да настане застареност на предметите или други негативни реперкусии, вклучително и со протек на 90 дена да не мора главната расправа да започне одново, а ниту сите докази да се изведуваат повторно, туку истата да продолжи како да немало прекин“, велат во иницијативата на адвокатите.

Од Кривичен суд велат дека од вкупно 64.745 предмети обработени минатата година, поради вонредната состојба во земјава, се издвоени само 300 итни предмети, меѓу кои „Рекет“, „Монструм“, „Титаник“ и предметот за организаторите на 27 април.

„Судот, сè до добивање нови напатствија од Судскиот совет и Министерството за правда е должен да се води по нивните досегашни одлуки и да ги штити правата на обвинетите и оштетените во постапките“, велат од Кривичен суд.

Од Министерството за правда нема одговор – дали до Владата ќе достават барање за одложување на судските расправи.