Адвокатската комора до Коцевски: Вашите наводи се мешање во работата на адвокатите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатската комора на Македонија денеска му одговори на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски по неговото писмо во кое тој реагираше на коментарите на адвокати поврзани со обвинението за пожарот во кочанското кабаре „Пулс“.

Од Комората порачаа дека наводите на обвинителот се неосновани и претставуваат директно мешање во независноста на адвокатската дејност.

„Неточно е дека адвокатите не се запознаени со обвинението и доказите – тие се достапни уште од поднесувањето на обвинителниот акт. Адвокатите имаат право на слобода на изразување и должност да ја информираат јавноста за постапки од јавен интерес,“ стои во соопштението.

Од Комората додаваат дека досега нема забелешки од судовите за нарушување на нивниот углед и дека Јавното обвинителство, а не адвокатите, го водело целиот истражен процес.

„„Напоменуваме дека адвокатите со ништо не го нарушиле угледот на Судот и истите имаат право и должност на слобода на изразување, односно да изнесуваат правни мислења, критички осврти или коментари поврзани со постапки од јавен интерес. Адвокатите имаат право да ја информираат јавноста за прашања поврзани со случаите на нивните клиенти. Од наводите во дописот не произлегува дека адвокатите го нарушиле углеедот на Судот и институциите пред кои се појавуваат. Дотолку повеќе, што досега немаме никаква реакција од судовите дека им бил нарушен угледот. Останува нејасно зошто јавниот обвинител навлегува во надлежноста на судот“,“ велат од Комората.

Во заклучок, Адвокатската комора истакнува дека судењето за случајот „Пулс“ ќе биде тест за ефикасноста и правичноста на целиот правосуден систем и дека очекуваат транспарентна постапка со професионално однесување на сите страни.