Критикувајќи ги ВЛЕН за влегувањето во Владата без политички легитимитет, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „Клик“ на РТВ21, изрази надеж дека ова ќе биде „последната грешка“ на албанските партии и дека нема да ја повторат во иднина. Според него, најдобро решение за Македонија се предвремени избори следната година.
„Треба да се промени климата, сигурно мислам дека и македонската партија на мнозинството сфатила дека работите не одат добро. Треба да се внимава при изборот и да се почитува мнозинството Албанци, а најдобро решение би биле предвремени избори. Да се одржат утре, ние сме подготвени!“, порача Али Ахмети.
За избори, кога и да се одржат, се подготвени и од владејачката партија ВЛЕН, но портпаролот Дритон Сулејмани смета дека тие не се потребни. Како што додаде, треба да го довршат мандатот докрај, бидејќи дале многу ветувања кои треба да ги реализираат.
„Ние сме подготвени, кога и да се одржат предвремени избори, да излеземе на тие избори, да ја побараме довербата од граѓаните и мислам дека ќе ја добиеме довербата од граѓаните, затоа што придонесовме во решавањето на многу проблеми што се однесуваат на граѓаните. Меѓутоа, сметаме дека изборите не се потребни.“, вели Дритон Сулејмани.
И премиерот Христијан Мицкоски пред три недели изјави дека оваа Влада има мандат до 2028 година, период во кој граѓаните очекуваат исполнување на ветувањата дадени пред изборите. Сепак, шефот на извршната власт додаде дека секогаш се подготвени да одговорат на предизвикот за предвремени избори, доколку бидат предизвикани да го сторат тоа.
