Ахмети: Со кучиња не се ловат орли – ВМРО-ДПМНЕ: Ахмети не е орел, туку врапче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На денешната конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници, лидерот на ДУИ и предводник на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), Али Ахмети, порача дека противниците на оваа коалиција ги загрозуваат правата на Албанците и создаваат меѓуетнички тензии.

Тој нагласи дека Рамковниот договор останува суштински документ за мирот и стабилноста во државата и дека мора да се почитува од сите политички страни. Според Ахмети, во изминатите две децении, во соработка со САД, ЕУ и НАТО, се работело на неговата примена заедно со домашните политички сили.

„Ние сакаме мир, стабилност, иднина, сакаме Европа и НАТО. Оваа наша определба нè направи да бидеме заедно, не само за да ги зачуваме националните права, туку и за да ја однесеме земјата напред,“ рече Ахмети.

Во продолжение од говорот, тој упати и директна критика кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:

„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци,“ порача Ахмети.

Тој ги повика граѓаните на масовно учество на изборите на 19 октомври, истакнувајќи дека единството на Албанците е клучно за иднината на земјата.

На конвенцијата зборуваше и лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој порача дека државата стагнира на европскиот пат и дека е време Албанците да се обединат за промени.

По говорите на Ахмети и Таравари, со соопштение се огласи ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата оценија дека лидерот на ДУИ се служи со закани и политичка патетика во пресрет на изборите.

„Не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Со проекти, со мерки, со реформи и со подобар живот Албанците одамна имаат преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори – заедно со Македонците, сите сложно,“ стои во реакцијата на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека ДУИ ја користи блискоста со СДСМ и Арбен Таравари за лични и партиски интереси, поврзани со „тендери и политички договори“.

„Наместо да оди во пензија, тој зборува за крв, оружје и орли. А секој пат кога ќе дојдат избори, Ахмети доживува необична трансформација. Тоа е неговиот Павлов рефлекс – на звукот на избори, автоматски следуваат закани, патетика и заплашувања. Освен што е патетично, сето ова е и смешно,“ се наведува во реакцијата.