„Апсолутно не е пораз! На 2 ноември играта почнува 0-0“.
Националната алијанса за интеграција на локалните избори освои над 114 илјади гласови и 159 советници на државно ниво, и е победник во споредба со ВЛЕН, која освои над 91 илјада гласови и 122 советници. Ова го изјави лидерот на интегративците, Али Ахмети, по денешната седница на Централното претседателство, каде што беа разгледани резултатите од локалните избори. Тој оцени дека и овојпат доминирал „синдромот на Газиместан“.
„ Доминира синдромот на Газиместан, каде губитникот се претставува како победник. Во овој случај, тоа е ВЛЕН. И во двата претходни изборни циклуси – парламентарни и претседателски – како и сега на локалните, губитникот излегува победник!“, вели Али Ахмети.
На прашањето дали ќе се повлече од политиката по вториот круг на изборите, Ахмети одговори:
„Зошто да се повлечам, брате? Слушате ли вие, имате ли уши или немате?! Кој победил?! Губитникот треба да се повлече, а не победникот! Сакате документи? Одете во ДИК и проверете! Ако најдете за 25 години еден пораз на Али Ахмети, тогаш дојдете да разговараме!“, порача Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ ја повтори и својата порака дека треба да има предвремени парламентарни избори.
„Нашата ориентација е дека оваа земја треба да има предвремени избори, и тоа без големи одложувања“, додаде Али Ахмети.
На ова реагираше и еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, кој изјави:
„Не мислам дека треба сериозно да се сфаќа Али Ахмети, бидејќи е под притисок од изборниот резултат. Верувам дека по консултациите со органите на неговата партија ќе го промени ставот, бидејќи овој изборен резултат, во кој ние победивме со 11:1, не е резултат со кој тој може да се подготви за предвремени избори.“, посочи Биљал Касами.
Што се однесува до изборниот процес од 19 октомври, Ахмети во целина го оцени како добар, но, како што рече, со неколку недостатоци.
