Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство на почетокот на месецов спровеле 39 вонредни контроли во домови за стари лица низ државата, при што биле утврдени повеќе неправилности во дел од објектите.
Од АХВ информираат дека само еден од контролираните домови не бил регистриран како оператор со храна во Агенцијата, поради што му била изречена привремена забрана за работа, парична казна и налог за задолжителна регистрација.
Дополнително, инспекторите утврдиле дека еден оператор со храна не ги исполнувал хигиенските стандарди за безбедност на храната, додека во четири домови за стари лица не биле спроведени задолжителните здравствени прегледи за вработените.
„За утврдените недоследности, кои се однесуваат и на нередовно водење записи за добра хигиенска и добра производствена пракса, недоставување сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храната, нецелосна евиденција за набавки, како и доцнење со спроведување на задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, издадени се три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени“, соопштуваат од АХВ.
За посериозни прекршоци изречени се глоби во вкупна вредност од 1.550 евра во денарска противвредност за четири оператори. Кај еден од контролираните оператори инспекторите наредиле и нештетно уништување на шест килограми небезбедна храна.
Од АХВ посочуваат дека состојбата е подобрена во споредба со вонредните контроли спроведени во ноември 2024 година, кога дури 14 домови за стари лица не биле регистрирани како оператори со храна. Тогаш биле уништени 40 килограми небезбедна храна, издадени 16 решенија за отстранување на неправилности, а парични казни биле изречени за 18 домови за стари лица.
