АХВ заплени и уништи 37 тони храна – грав, леќа, ореви, лешници со изминат рок пред 2 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грав, леќа, црвен пипер, бибер,ореви, лешници со поминат рок и до две години… Ова при вонредна контрола кај оператор со храна затекнале неделава инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Биле запленети и нештетно уништени приближно 37 тони храна. Станува збор за огромна количина јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини, без декларации на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години-соопштија од АХВ.

„Во однос на зрнестите плодови станува збор за поголема количина на грав и леќа. Од зачини имаме црвен пипер, бибер, киноа. Јаткасти плодови, производи кои се запленети се ореви и лешници. Глоба од 3.500 евра во денарска противвредност е изречена на операторот и забрана за вршење на дејност од седум дена“, рече Оливер Миланов, директор на АХВ.

Засилени вонредни контроли изминатата недела биле спроведени и кај други оператори со храна, меѓу кои месарници, ресторани, сендвичарници и маркети. Биле утврдени повеќе недоследности, како што се нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна.

„Во однос на контролите вонредни кои што ги направивме во месарнициве, во подготовка од месо без декларации и со изминат рок, вкупно е запленето 130 килограми, од кои што ќебапи, плескавици и ќофтиња“, изјави Миланов.

Операторите и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени дополнителни привремени забрани за вршење дејност.

„Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa“, велат од АХВ.