Се конституираше новиот состав на Советот на Општина Кичево.
Составот брои 19 советници, од кои 8 се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, 1 од СДСМ, 3 од ВЛЕН, 5 од НАИ и 2 независни советници.
Советничката на коалицијата ВЛЕН, Теута Пурелку, го предложи Ајхан Сулкоски за претседател на Советот.
„Како коалиција ВЛЕН го предлагаме господинот Ајхан Сулкоски за претседател на Советот.“, изјави Пурелку.
Овој предлог беше усвоен со 12 гласа „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ВЛЕН.
„Со искрена благодарност ја прифаќам должноста претседател на Советот на Општина Кичево.“, рече Сулкоски.
Советниците на НАИ и Независната листа, кои гласаа против, реагираа по завршувањето на седницата.
„Денес конечно беше прекршена волјата на граѓаните, кои на 19 октомври решија овој Совет да дише на албански. Како што изгледа, договорите меѓу ВМРО и ВЛЕН постепено излегуваат на површина, и тие договори денес ги видовме сите граѓани. Ние како коалиција на НАИ ја подадовме раката за соработка со ВЛЕН и Независната листа, но тоа падна на глуви уши.“, рече Шефки Имети од НАИ.
„Изборот на претседателот на Советот не го одразува реалниот состав во нашата општина, каде што мнозинството се Албанци. Во овој случај, коалицијата ВМРО–ВЛЕН направи претседателот на Советот да не го одразува објективниот и фактичкиот реалитет на Општина Кичево.“, вели Кујтим Касами, советник од Независната листа.
Овој нов состав на Советот произлегува од локалните избори од 19 октомври и ќе функционира во следните четири години.
