Ако нема мнозинство се одложува гласањето – Џафери: Се ќе зависи дали ќе има 80 гласа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Расправата на уставните измени да се одржи, но гласањето за потребата за уставни измени да биде одложена. Ова е сценариото кое се предвидува доколку не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Собранието за седницата закажана за 18 август на која треба да почне расправата за потребата од донесување на уставните измени. Токму ова претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите го најави како голема веројатност. Се ќе зависи од моменталната состојба, односно дали ќе има обезбедено потребно мнозинство од 80 гласа, рече Џафери кој додаде дека такви случаи имало.

„Чинот на гласање не е врзано за денот последен, така што, да биде јасно во однос на постапките. Тоа го предвидува и Деловникот тоа го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Формално Собранието ќе почне со работа на 18 а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено тоа зависи од конкретната состојба“, вели Талат Џафери.

Ако власта го имаше потребното мнозинство досега ќе беа изгласани уставните измени, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето за можноста за одлагање на гласањето. Тој рече дека на 18 август пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни и ќе гласаат против дневниот ред.

„Јасно е дека тие немаат две третини, сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, борбата е како да го поминат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста, бидејќи се под притисок за избори на есен. Сега вие овде не барајте политика барајте ситно лично политиканство, како уште месец-два повеќе да бидат на функција таму каде што се“, вели Христијан Мицкоски.

Во вторникот на Комисијата за уставни прашања експресно заврши откако беа изгласани заклучоците за пристапување кон измена на Уставот и за подготовка на нацрт амандманите, на која ВМРО-ДПМНЕ гласаа против. По ова расправата за потребата од уставни измени поминува на пленарна седница која е веќе закажана за 18 август, а на која исто така е потребно двотретинско мнозинство.