Премиерот Христијан Мицкоски не се откажува од идејата за отповикување на првиот човек на Обвинителството Љупчо Коцевски како и коренити промени во правосудството. Тој ова го најави уште пред неколку месеци и рече дека такво нешто ќе се случи по завршувањето на локалните избори. Но што конкретно ќе преземе Мицкоски за промена на државниот обвинител се уште останува нејасно, бидејќи Коцевски за кого беше изгласана интерпелација уште на крајот на јули годинава, не ја прифати.
„Што се однесува до Коцевски, почекајте и ќе видите“.

Мицкоски рече дека нема да ги спроведе препораките од Извештајот на Европската комисија за реформи во правосудството, во који се наведува дека финансиската независност на судиите и обвинителите е проблем. Реформите не се за подобро судство, туку за повисоки плати за оние кои немаат воопшто доверба кај граѓаните, нагласи тој.
„Ја повикувам јавноста нека каже ако мислите дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите слободно кажете. Еве јас ќе ја донирам мојата плата за обвинителите, ама нека судат барем и обвинуваат согласно закон а не како што прават до сега. И знам дека ќе излезат сега и ќе ме нападнат и ќе ме обвинат и ќе речат Мицко е ваков, таков, онаков, во ред, се е тоа во ред. Но не можам, едноставно моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување на плати на луѓе кои што имаат никаков рејтинг. И ако е тоа клучната реформа која што треба да ја направиме простете јас нема да ја направам“, рече Мицкоски.
Коцевски пред два дена рече дека она што го истакнала Европската комисија е потребно бидејќи како што наведе недостигаат човечки ресурси, односно дека работат со околу 360 вработени, што е една третина од потребниот кадар, а дека Министерството за финансии не одобрува средства за нови вработувања.
