„Акција 21“ на Владата – марихуаната приоритет, но не и здравството и образованието?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На врвот на владините приоритети од Акција 21, повторно се најде прочистувањето на правосудството и борба против корупцијата. Колку за потсетување, овие две прашања беа приоритети и во претходниот владини реформски план од 2017 наречен 3- 6- 9.  Владата тогаш се пофали дека мерките во најголем дел се реализирани, но судството и корупцијата повторно се најдоа и во овој план. Сега од владејачката СДСМ тврдат дека тие влегуваат во завршница.

„Во завршна фаза е моделот за прочистување на судството, подготвен првенство од претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност. Сите судии ќе бидат оценувани како изведувале докази и сослушувале сведоци, а особено за тоа како постапувале со предмети кои се доведени до застарување“, истакна Мартин Костовски.

СДСМ и во новиот мандат продолжува со старите лаги, само бројките на плановите се нови, а останатото е лага, коментираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ и во новиот мандат продолжува со старите лаги. Македонската јавност речиси четири години е сведок на лаги, манипулации и нереализирани проекти. Зоран Заев и СДСМ секојдневно се служат со пи ар методи за купи ден – продај политика, само за да си го сочуваат мирот кој им овозможува тргувањето со националните интереси, со кое отвораат приватни канали за создавање капитал врз грбот на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од Алијанса за Албанците не се согласуваат дека владата има сериозен пристап во прочистувањето на судството и во криминалот и корупцијата дека се во последна фаза од исполнувањето. Oд оваа партија додаваат дека токму за судството и криминалот и корупцијата се посочуваат како неисполнети реформи од Европската комисиуа

„Кога сме кај приоритетите, случајно или не, број 1 на листата е – Прочистувањето на правосудството.Премиерот вели ,,во финале сме  на длабоките и суштински реформи во правосудството преку објективно и ефикасно прочистување на судството и обвинителството”. Но заборавaте дека токму извештајот на Европската комисија објавен пред два месеци,  во делот за правосудството вели дека Правосудниот систем на Северна Македонија има одреден степен на подготвеност/е умерено подготвен“, велат од Алијанса за Албанците.

Покрај судството и корупцијата, во 10-те приоритети за идната година Владата ја наведе и заштитата на природата, потоа маските и вакцината за Ковид 19, а веднаш потоа се и канабисот кој е претставен како огромен економски потенцијал. Натаму во владиниот план се предвидува нова македонска енергетика, изградба на гасоводот, пописот, борбата со дезинформациите и нови економски потенцијали. Меѓу приоритетите не се наведени подобрување ниту на образовниот процес, ниту на здравствениот сектор.