Акција „Двојник“: Еден пасош, два идентитети – ВМРО-ДПМНЕ: „Заев-Спасовски се мафијашко гнездо“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Слика од криминалците, а идентитет од жители на Мала Преспа и Пустец. Вакви 215 лажни патни исправи биле направени во пасошкото одделение во зградата на Македонската телевизија, од каде денеска уапсени се девет полициски службеници и двајца од полициските станици во Драчево и Бутел кои работеле на фотографирање.

Истрагата МВР ја спроведувала 14 месеци во соработка со Интерпол и поддршка од амбасадата на САД.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која вчера го откри случајот, денеска врвот на Власта го нарекоа мафијашко гнездо, додавајќи дека акцијата не е пробиена со нивната објава, туку убрзана за да не се сокрие.

„Ако ја спроведувале во последните година дена тогаш требало да ја спроведат, дај Боже стално вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите но треба да почнат од себе, не да почнат од службеникот или службеничката што зема оттисок од прст и фотографира. Да не се лажеме, криминалот е во врвот на власта. Колку побрзо расчистиме со овие луѓе, толку побрзо ќе имаме правна држава. Се останато е растурање пердуви и приказни за мали деца“, истакна Христијан Мицкоски.

На прес конференцијата беа презентирани два случаи. Георги Андонов го добил српско-црногорскиот криминалец Вукотиќ. Вториот е за турчинот Пекер кој гласел на име Џевадин Ајдемовски. И двата пасоши се издадени на адреси кои не постојат.

„Дали Христијан Мицкоски намерно пласираше информации во јавноста за да се саботира голема полициска акција на нашите институции, МВР и меѓународни органи со помош на нашите стратешки партнери, саботажа која не успеа? Очекуваме официјални информации од надлежните институции кои треба да покажат дали Христијан Мицкоски одработува за криминалци“, велат од СДСМ.

Станува збор за синџир за фалсификување на документи, а вклучени се и т.н курири кои откако пасошите биле изработени ги носеле до криминалците.

Акцијата во останатите земји ја спроведува Интерпол, со цел пронаоѓање на останатите носители на пасоши, чија бројка надминува 100. Во Македонија едно лице е во бегство и по истото се трага.