Албанија и Италија со договор за производство на бродови во Пашалиман: Ново стратешко партнерство и 400 работни места

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската државна компанија „KAYO“ и италијанската „Ficanteri“, една од најголемите компании во Европа, денеска потпишаа договор за производство на бродови во бродоградилиштето Пашалиман, поранешна воена база кај Валона.

Албанскиот премиер Еди Рама, кој присуствуваше на потпишувањето, го нагласи стратешко партнерство со владата на Италија, додавајќи дека ова претпријатие ќе се фокусира на производство на бродови што ќе им служат не само на албанските вооружени сили, туку и на армиите на сојузничките земји.

-Ова е само почеток. Се надевам дека светот ќе се подобри и дека војните ќе завршат, но во меѓувреме Албанија е премногу мала за да одлучува за иднината на светот и за судбината на геополитичката шаховска игра, но ние мора да се приспособиме. Мора да се приспособиме, секако, за да имаме достоинствена одбрана и да имаме сè што е потребно за да бидеме на врвот како мала, но горда земја во трансатлантската алијанса, од која сме дел, рече меѓу другото Рама.

Министерот за одбрана на Албанија, Ермал Нуфи, изјави дека договорот носи нови работни места и зајакнување на извозот.

  • Ќе можеме да произведуваме и за извозни потреби. Албанија станува нова европска база на Fincantieri за мали и средни бродови, проширувајќи ја активноста. Со овој договор исто така ќе донесе нови работни места и, во деловниот план што го потпишавме, околу 400 луѓе ќе бидат вработени во ова ново бродоградилиште, изјави Нуфи.

Претставникот на Fincantieri, Пиероберто Фолгиеро, рече дека овој договор претставува иновативна визија за европскиот пазар и оти носи стратегија и амбиција.

-Како штотуку разговаравме, зад овој договор стојат многу стратегии и амбиции. Не е само желбата да се следи програма, туку да се произведе нешто продуктивно со амбиција. Можеме да имаме производ што можеме да го користиме во извозот на Fincantieri, со модернизација, конкурентност и нови идеи за бродот и производствениот процес, изјави Фолгиеро.

Албанија и Италија во ноември 2025 година потпишаа договор за соработка во областа на одбраната.