Албанската опозиција инсистира Алијансата за Албанците да го ослободи местото во Државната изборна комисија бидејќи таа е веќе дел од Владата, а во ДИК го држи местото на опозицијата. Пратеникот на Движењето Беса, дел од обединетата албанска опозиција, Фадил Зендели вели дека е многу јасно како се поделени мандатите во таа Комисија.
„Во Изборниот законик многу јасно е дефинирано како се поделени мандатите на членовите на ДИК, 3 члена на ДИК се од опозициските партии и 4 члена се од партиите кои се на власт. Ова е поделбата и врз основа на ова има 1 место кое е празно во делот што и припаѓа на опозицијата“, вели Фадиљ Зендели.
Зендели вели дека веќе имаат политички договор меѓу албанскиот опозициски блок и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тоа место во ДИК да им припадне на албанските опозициски партии, па затоа започнале и собраниска иницијатива тоа да биде точка на дневен ред на следната седница. Ваквата реакција на Зендели следува по вчерашните изјави на првиот човек на АА, Арбен Таравари, кој рече дека не размислуваат да се откажат од местото во ДИК.
„Во принцип, сè уште не сме решиле како ќе одиме на изборите, но со голема веројатност АА ќе оди на избори и во тој случај зошто да нема свој член во ДИК“, вели Арбен Таравари.
За ова Зендели рече дека првиот човек на АА само се обидува да купи време.
„Изјавата на Таравари ја разбирам повеќе како ширење магла во јавноста, губење време, за да се сврти вниманието од нивните неуспеси во власта. Тоа е затоа што влегоа во Владата, со два услова, евроинтеграции и борба против корупцијата, но од друга страна, знаете дека од евроинтеграциите не остана ништо, а што се однесува до борбата против корупцијата, го имавме кривичниот законик пред неколку дена а како предлог дојде токму од Министерството за правда кое го води господинот Таравари“, додаде Фадил Зендели.
Што се однесува до споредбата што Таравари ја направи на оваа ситуација со онаа од 2020 година, кога Беса, иако беше во коалиција со владејачката СДСМ, не го ослободи местото во ДИК, пратеникот Зендели рече дека оваа ситуација нема сличност, бидејќи членот на Беса не ја држел функцијата заложник и дека ова е изум на Таравари.
