Албанските лидери кај Рама во Тирана – Касами не оди, Зејди вели сами мора да одлучиме за нашата судбина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерите на албанските политички партии од земјава денеска во Тирана ќе се сретнат со премиерот на Албанија Еди Рама. Единствениот што нема да седне на оваа маса е Биљал Касами, претседател на Движењето Беса. Од оваа партија велат дека Ахмети и Груби го користат Рама за да се извлечат од калта каде што се две децении.

„И овој пат Артан Груби и Али Ахмети, не знаејќи како да се снајдат во оваа политичка ситуација создадена во Северна Македонија, наводно иницирале средба со албанскиот премиер, уште еднаш користејќи го него и неговиот авторитет за да се извлечат од калта каде што се заглавени две децении. Токму ова е причината што Движење БЕСА и претседателот Биљал Касами нема да седнат на маса со оние кои не успеаја да ја водат власта во државата“, велат од Беса.

Исто како БЕСА, и независниот пратеник Скендер Реџепи – Зејди не ја поддржува и не ја гледа оваа средба за плодна.

„Мислам дека  оваа средба ќе спаси, но кого ќе спаси ќе видиме од утре. Всушност, самите Албанци се способни да се соберат и да организираат заеднички албански тркалезни маси овде во Македонија, нема потреба да се оди во Албанија или на друго место, бидејќи сметам дека е дојдено време политичкиот менталитет да ја покаже својата висока зрелост и време е албанските партии сами одлучуваат за судбината на Албанците овде. Но, освен тоа што ќе пијат кафе и ќе ручаат или вечераат, нема ништо друго позитивно“, додава Скендер Реџепи Зејди.

Македонската опозициска ВМРО-ДПМНЕ ваквиот развој на настаните го гледа како обид за спас на власта Ковачевски-Ахмети.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера изјави дека денешната средба во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења за актуелните прашања во регионот и апелираше да не се создава „некаков заговор“ во врска со тоа. Средбата е закажана за вечерва во 19:30 часот.