Во првите секунди од новата година се роди првото бебе, здраво машко дете тешко 3.706 килограми и 52 сантиметри, а породувањето било по природен пат. Ова е прво дете на мајката Наташа Стефковска од Скопје која долго чекала да добие пород. Нив ги посетија министрите за здравство Фатмир Меџити и за труд и социјала Јована Тренчевска. Министерот Меџити рече дека се кладел дека ќе биде машко.
„Ми беше посебна чест, тоа е наша колешка, стоматолог и како второ, при крај на работниот ден во петокот во кабинетот во релаксирана атмосфера се кладев дека ќе биде машко и се исполни, така што ќе се исполнат сите овие проекти што веќе ги работиме заедно во здравство . Ова година што ни претстои веќе нема да оставиме како што беше пред тоа, рутински и со скандали“, вели Фатмир Меџити.
Министерката Тренчевска упати честитки до родителите на малиот Алек на кого му посака среќно детство.
„Точно на полноќ се роди првото бебе, машко бебе, Алек и им честитам воедно на родителите. Нека им е живо и здраво, да има среќно детство, секако да бидат и тие среќни родители бидејќи тоа им е прва рожба во фамилијата“, порача Јована Тренчевска.
Инаку ноќта во првите 15 минути од новата година се родиле три бебиња. Директорката на Гинекологија Викторија Јовановска рече дека сите три како да се натпреварувале која ќе го роди првото бебе.
„Годината почна убаво со родени три бебиња сите спонтани во првите 15 минути веднаш после новата година што би требало да биде добар знак дека годината ќе ни биде многу подобра од претходната и се надеваме дека здрави и доносени бебиња и повеќе среќни родители“, вели Викторија Јовановска.
Доктор Горан Димитров кој го породи првото бебе им порача на сите жени да го следат примерот на мајката Стефковска која долго чекала да добие дете.
