Алијанса/Алтернатива ќе го блокираат Собранието – „Партиите имаат анти-албански пристап кон Законот за државјанство“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива ќе го блокира секој закон кој ќе влезе во Собрание. Ваквата реакција уследи откако во законодавниот дом беше блокиран Законот за државјанство, предложен од овие две партии. Првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши, блокадата на Законот за државјанство ја нарече анти-албански пристап на македонските политички партии.

-Од една страна СДСМ не прифаќа, целиот закон го одбива, а ВМРО-ДПМНЕ со амандмани го блокира истиот закон. Ова нам ни покажува дека има анти-албански пристап и тенденции третирајќи го овој закон кој ги унапредува правата на Албанците. Уште еднаш ви велам дека овој закон ги нема за основа основните човекови права-вели Гаши.

На прашањето дали ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, откако партијата со амандмани го блокираше Законот, челникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече дека и ако има коалиција, веќе е нарушена.

-Еве ако има коалицијата, таа е нарушена-вели Сели.

Тој не прецизираше со кого ќе соработува, само рече дека е подготвен за соработка со оние кои ќе го прифатат Законот за државјанство.

-Со луѓе ќе коалицираме и подготвени сме да подадеме рака и да соработувам,е. Но, соработка во моментов немаме за да ја расипеме истата. Но, доколку прашањето е со кого ќе соработуваме, да, ќе соработуваме за доброто на луѓето-вели Села.

Премиерот Зоран Заев, пред неколку дена изјави дека е неопходно да има документ кој докажува дека некој е роден и живеел во Северна Македонија. Предлогот на АА-ААА – тоа да може да се направи со тројца сведоци, за Заев е неприфатлив. Нивниот коалиционен партнер Движење Беса, со поинаков став. Даваат поддршка за законот предложен од опозицијата.

-Една демократска држава не треба да има граѓани кои имаат проблем со државјанството. Може да има граѓани кои имаат проблеми со државјанство, но кои имаат проблем со законот, со криминал, корупција и од други аспекти, но оние кои се на територија на државата и ги исполнуваат законските услови треба да добијат државјанство-рече Зендели.

Пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми, пред два дена во „Клик Плус“ изјави дека пратениците од редовите на интегративците ќе го поддржат законот, иако, како што истакна, законот има низа техничко-професионални аномалии. ВМРО-ДПМНЕ достави над 500 амандмани за блокирање на предлог-законот за државјанство кој доаѓа по предлог на коалицијата АА-ААА.