Откако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го блокираа Законот за државјанство, коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, им врати со иста мера. Албанската опозиција почна да блокира предлог-законите во Собранието. Доставија околу 2.000 амандмани за предлог-Законот за прекршоци.
-Ние како коалиција сметаме дека единственото политичко – демократско оружје е да направиме реципроцитет во тој правец и секој закон до кој имаме пристап, без разлика, ќе го блокираме додека да дојдеме до заеднички договор за повлекување на амандманите за Законот за државјанство. Да седнеме и да разговараме за секој амандман посебно. Нема да запреме со овој реципроцитет, независно колкава важност има колку одреден предлог-закон-рече Скендер Реџепи.
Од ВМРО-ДПМНЕ не се откажуваат од амандманите. Велат дека ги поднеле со цел да се подобри веќе предложениот Закон за државјанство.
СДСМ, Законот за државјанство го гледа како лош и вон Европската конвенција за државјанство.
Реџепи вели дека ќе продолжат со овој реципроцитет, сѐ додека не бидат повлечени поднесените амандмани за законот.
-Што се однесува до нашата блокада, сега тие треба да бараат дали имаат интерес – одреден предлог-закон да помине. Ние немаме потреба да контактираме со никого, ние ќе продолжиме со нашата демократска работа. Доколку имаат потреба да седнат со нас, знаат каде ни е канцеларијата-вели Скендер Реџепи.
Од албанската опозиција вели дека во секоја собраниска комисија каде имаат членови ќе изготват безбројни амандмани за секој предлог-закон со цел да го блокираат истиот.
