Алијанса/Алтернатива против одложување на пописот – „Пописот треба да заврши на 21 април“, рече Села

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во никој случај не смее да има одлагање на пописот на населението. Ова е заедничкиот став на лидерите на двете опозициски партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива. Изговорот дека поради растот на бројот на новозаразени со Ковид-19 треба да се одложи пописот, според коалицијата не држи вода. Форматот на вчерашната средба меѓу Заев и Мицкоски е неприфатлив, вели Гаши.

„Се сретнуваат две лица и носат одлука да се обидат да го одложат пописот. Велам – да се обидат, бидејќи ние сме тука и нема да дозволиме такво нешто. Ние ќе направиме сѐ, ќе ги искористиме сите наши демократски механизми, нашата политичка моќ за пописот да не запре и процесот да продолжи“, истакна Африм Гаши, претседател на Алтернатива.

Според Села, вчерашната средба и постигнатите договори се еднакви на нула. Тој вели дека место каде може да се одлучи за одложување или прекин на пописот е само Собранието, додавајќи дека ќе ги искористат сите механизми за да го блокираат законот.

„Гласно, кратко и јасно – коалицијата АА-ААА ќе го искористи Бадентеровиот механизам со цел пописот да не се одложи и да се спроведе согласно предвидените рокови. Ќе го блокираме законот за негово одлагање тука во Парламентот. Пописот ќе мора да заврши до 21 април“, посочи Зијадин Села, претседател на Алијанса за албанците.

Села ги повика и останатите албански политички партии да го искористат овој механизам со цел да не се одложи пребројувањето. Инаку, преку амандман потпишан од пратеникот Халил Снопче, минатата година беше побарано одлагање на статистичката операција. Тогаш во поднесениот амандман се бараше наместо во април, пописот да се одржи во јуни. Со сегашниот договор на Мицкоски и Заец, пописот треба да се одложи во септември. Инаку, вчерашниот договор за пролонгирање на пописот не важи за дијаспората која може да продолжи да се самопопишува до септември.